База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот „Васил Чакаларов“ е поставен на кружниот тек пред Католичката црква во Скопје, во раните утрински часови на 8 април 2013.
Петметарскиот споменик на Чакаларов, излеан во бронза, претставен со пиштол в рака насочен кон долу, предизвика реакции не само поради неговото поставување во закрила на ноќта, неколку часови откако Владимир Тодоровиќ ја загуби градоначалничката позиција на локалните избори 2013 во општина Центар, туку и поради нетипичното, за некои и естетски неиздржаното решение на авторите Дарко и Елена Дуковски.
Според отчетот на Тодоровиќ, непосредно по изборите, авторите за овој споменик добиле хонорар од 10.000 евра.
Според медиумските известувања одлуката за одвојување на средствата од буџетот за поставување на споменикот на македонскиот револуционер, заедно со споменикот на Христо Узунов, неколку пати е менувана од страна на советниците во општина Центар под палката на Тодоровиќ.
Во 2011 година таа изнесувала само 140.000 евра за двата споменици. На крајот, само за поставување на Чакаларов со трошоците кои вклучуваат леење, поставување на постаментот и друго, сумата се заокружува на повеќе од 500.000 евра.