База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот „Свети Климент и Наум“ е откриен во јуни 2012 година на плоштадот „Филип Втори“ на левата страна од кејот на Вардар.
На мермерниот постамент од 3,5 метри се поставени двата големи македонски словенски просветители, високи пет метри, а околу самиот постамент се поставени 4 бронзени релјефи, од кои на 3 се прикажани сцени од нивните житија.
Одлуката за подигање на ова спомен-обележје е одобрена од страна на советниците на општина Центар во рамките на Програмата за одбележување значајни настани и личности, донесена во февруари 2009 година.
Автор на споменикот на свети Климент и Наум е Перо Кованцалиев кој е избран на јавен конкурс на кој прва награда не била доделена. Кованцалиев ја добил втората награда од 250.000 денари, а третата од 150.000 денари му е доделена на Никола Настевски. Откупни награди од по 60.000 денари добиле Исмет Рамичевиќ и Ангел Димовски Чауш.
Како и кај другите споменици што ги поставуваше општина Центар, во рамките на проектот „Скопје 2014“, во договорот на авторот се вкалкулирани и трошоци за изработка, изнајмување простор, материјали и соработници. Договорот е склучен на 91.400 евра.