Порта „Македонија“ е еден од симболите на целиот потфат за менувањето на изгледот на главниот град.

На нејзиното отворање на 6 јануари 2012, премиерот Никола Груевски во својот говор изјави дека тој е идејниот творец на целиот проект „Скопје 2014“.

„Јас стојам зад овој проект. Сметам дека е добар, квалитетен, корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект“, изјави тогаш Груевски.

Идејното решение на Валентина Стевановска за Порта „Македонија“, монументален објект во облик на триумфална арка, всушност е избрано на конкурс за скулптури.

Таа е една од избраните млади автори на повикот за поставување 35 скулптури во центарот на Скопје. За тоа Стевановска добива парична награда од 500 евра, како и сите други избрани автори, и 300 илјади евра за реализација на идејното решение.

Меѓутоа, реализацијата на самиот објект, потоа ги вклучува и градежната фирма „Гранит“, проектната компанија „Неимар инженеринг“, „Десигн Фантаси“ за уредување на ентериерот, обезбедување на објектот од страна на „Секјурити груп сервисис“ (СГС), а цената на чинење повеќекратно ги надмина најавите за сумата што Министерството ќе ја одвои за 35 скулптури во централното градско подрачје, каде што формално е избрана и Порта „Македонија“.

Портата е висока 21 метар. Однадвор има релјефи на површина од 193 квадратни метри, што претставуваат разни настани и обележја од историјата на Македонија и нејзината култура, а во внатрешноста има галериски простор на две нивоа и продавница за сувенири.

На горниот дел од Портата има платформа за набљудување со три дурбини, а дотаму водат два лифта и две скалишта.

Достапни податоци за објектот

Вредност во евра:
6.313.526 €
Вредност во денари:
388.281.840 ден.
Вид на објект:
Порта
Статус:
Завршен
Документација:
Преземете документи

Местоположба на објектот