База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Откако во мај 2012 се постави статуата „Воин“ заедно со сите придружните елементи, дотогашниот плоштад „Карпошово востание“, го доби името на таткото на Александар, Филип Втори.
Плоштадот на влезот на Старата чаршија претставува комплекс од четири фонтани со скулптури, меѓу кои доминира фонтаната со статуата на античкиот крал која се издига во висина од 28 метри.
На плоштадот се наоѓа и скулптура која ја претставува Олимпија, мајката на Александар Македонски со нејзиниот син в раце. Во комплексот се и фонтани обложени со релјефи со флорални мотиви и со скулптури на антички војници - фалангисти, мајки со деца, коњи и лавови.
Сите скулптури и релјефи се дело на Валентина Стевановска која доби втора награда на конкурсот за идејно решение. На конкурсoт се јавиле 11 трудови. Прва награда не била доделена. Стевановска како второнаградена добила 250.000 денари, третонаграден бил Жарко Башевски кој добил 150.000 ден. Откупни награди од по 60.000 ден. добиле Дарко Дуковски и Слободан Милошески.
По дебатите во јавноста за висината на хонорарот на Стевановска, таа во интервју за „Вечер“ рече дека за сите скулптури од овој споменичен комплекс како авторски хонорар зела 336.000 евра.