База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот на Питу Гули е поставен во паркот „Жена-борец“, спроти споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Македонија.
Споменикот, излеан во бронза, го прикажува истакнатиот македонски револуционер качен на коњ со крената рака, поставен на постамент.
Поставувањето на спомен-обележјето на Питу Гули е на иницијатива на Министерството за култура, одобрена од советниците на општина Центар во октомври 2010 година. На конкурсот за идејно решение изведбата на овој споменик ѝ е доделена на Кристина Пауновска.
Освен паричната награда од 200.000 денари, таа склучува договор со општина Центар во висина од 80.000 евра за авторски хонорар, ангажирање лица за изработка на скуптурата, подготовка и обработка на материјали, закуп на протстор за моделирање и други трошоци.
Естетскиот израз на овој споменик наиде на најмалку критики од стручната и општата јавност во референците за „Скопје 2014“.