База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот на Павел Шатев е еден од двата споменика поставени од двете страни на Портата „Македонија“ на 8 април 2013 година.
Излеан е во бронза, на иницијатива на Министерството за култура и со одлука на Советот на општина Центар во 2011 година.
На конкурсот што општина Центар го распишува за една недела по одлуката за подигање на овој споменик, пристигнале 15 трудови. Првата награда од 200.000 денари ја добил Миле Брцески, втората награда од 120.000 денари ја добил Сретко Јовановски и третата награда од 60.000 денари - Ангел Коруновски.
Сумата што авторот ја добил за подигање на споменикот е 84.000 евра и е добиена по пат на директно преговарање.
Споменикот е поставен веднаш по локалните избори во 2013 година, кога владејачката ВМРО ДПМНЕ ја губи власта во општина Центар. Во тој период се поставени десетици нови споменици кои формално не се на видео презентацијата на проектот „Скопје 2014“, но се дел од целиот потфат за менување на изгледот на главниот град.