База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот „Паднати херои за Македонија“, лоциран во паркот „Жена-борец“ спроти Собранието, е свечено откриен на Денот на независноста, 8 септември 2012 година.
Според авторот на ова спомен-обележје, Томе Аџиевски, тој се состои од неколку сегменти кои носат своја симболика. Агората е претставена со фонтана и концентричен форум што го означува светот на живите. На средината на фонтаната е поставена скулптура на Прометеј.
Портата симболизира премин од светот на живите во вечноста, а коњичката квадрила врз портата оддава почит на мртвите херои. Третиот сегмент e некрополис – ротонда од монументални столбови, што треба да го претставува светот на вечноста. Во неговата средина има обелиск со скулптура на римската божица на победата, Викторија.
Поради сличноста со Брандербушката порта, но и поради „облекувањето“ на скулптурата на Прометеј, откако тоа го побарала анонимна женска невладина организација, напати изгаснатиот вечен оган и зборовите immortale, libertas, justicia (бесмртност, слобода, правда) напишани на лош латински, односно, како што вели авторот „на латински дијалекти на шпански и на каталонски јазик“, ова спомен-обележје стана еднa од фокус точките на критиката на целиот проект „Скопје 2014“.