База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Новата ограда на мостот „Гоце Делчев“ која овој модерен објект го видоизмени во стилот на „Скопје 2014“ е пуштена во употреба во 2011 година.
Со новата ограда е напуштен концептот на чисти, минималистички линии на мостот и тие се заменети со китнести жолто-златни цефкасти профили поврзани со столпчиња со декоративна алуминиумска обвивка.
На надворешните огради на мостот се монтирани канделабри од кои повеќето се со по една светилка во форма на топка, а на шест има по пет светилки во облик на фенер. На внатрешната страна на мостот поставени се десет 10-метарски столбови за улично осветлување.
Дополнително, трупот на мостот е осветлен со неонки во жолта боја заштитени со маска и розетна, а на двете страни од мостот поставени се и рефлектори кои ги осветлуваат столбовите на оградата.
Реконструкцијата на мостот започна на 11 април 2011 година кога беше најавено дека целиот зафат ќе чини 370 илјади евра.