База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот „Македонски бранители“ е посветен на загинатите припадници на вооружените сили на Македонија во војната од 2001 година.
Подигнат е на инцијатива на Министерството за култура, а со одлука на општина Центар е свечено откриен на 23 октомври 2011 година.
Споменикот на бранителите се наоѓа во паркот „Жена-борец“ пред Градскиот трговски центар и Собранието на Македонија, до Триумфалната капија.
На бронзената плоча на паметникот испишани се имињата на сите убиени припадници на вооружените сили на Македонија од воениот конфликт во 2001 година.
За идејно решение за овој споменик имало два конкурса. На првиот се јавиле девет автори, но Одборот за подигнување на споменикот одлучил дека ниту еден не ги исполнува условите. На авторите кои конкурирале им е исплатено обештетување од по 10.000 денари.
На вториот конкурс од јануари 2009 се пријавиле 23 труда. Во изборот, во кој учествувале и претставници на Здружението на загинатите и ранети припадници на македонските вооружени сили, првата награда од 400.000 денари му е доделена на Кирил Мукаетов, скулптор од Кавадарци.
Во финансиската конструкција за изработка на споменикот, покрај авторскиот хонорар се наведени трошоци и за: простор, комуналии, осветлување, стручни соработници, модели и друго во висина од 79.000 евра.