База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Новата зграда на Кривичниот суд, лоцирана кај новата катна гаража и комплексот судови се гради од 2010 година, иако беше најавено дека ќе биде завршена за 18 месеци.
Објектот, поддржан со заем од Светска банка и од буџетот на Репубика Македонија со првична цена од околу 8,3 милиони евра се посочува како пример на практиката за зголемување на трошоците во текот на градбата.
На пример, само Основниот договор со „Гранит“ има 21 анекс, поради што дополнителниот договор што Министерството за правда сакало да го склучи со „Гранит“ без е-аукција не е одобрен од страна на Советот за јавни набавки.
„Според Советот, несфатливо било како може за еден ваков значаен објект проектантот да направи превид и да испушти толку позиции каде што се јавуваат непредвидените работи“, се наведува во образложението на пресудата на Државната комисија за жалби по јавни набавки која ја одбива жалбата на Министерството за правда.
Новата зграда на Кривичниот суд има 10 нивоа, со вкупна површина од 8.862 квадратни метри и во него ќе се сместат седум оддели на Кривичниот суд, ќе има 74 судски кабинети, 22 средни судници и две големи судници што ќе можат да примат по 100 и 200 лица.
Главен изведувач е „Гранит“ од Скопје, додека надзорот над работите ѝ е доделен на „GEING Krebs und Kiefer International“. Проектната документација за оваа градба ја изработија „IRD Engineering“ и „Евро Консалтинг“.