Античката колонада со име „Независна Македонија“ која е дел од проектот „Скопје 2014“ е лоцирана на левиот брег од реката Вардар.
Објектот е висок осум метри, а се наоѓа помеѓу Агенцијата за електронски комуникации и Финансиската полиција.
Станува збор за уште еден објект кој е здружен потфат на општина Центар и на Град Скопје, во време кога на чело на Центар беше Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако по промената на власта во најголемата скопска општина, новиот градоначалник Андреј Жерновски најави дека ќе стави мораториум на објектите од „Скопје 2014“, Колонадата сепак е изградена, бидејќи договорите претходно беа склучени и исплатени.
Колонадата претставува градба од низа столбови поврзани со греди која стои слободно или е дел од друг објект. Висината е осум метри и на неа ќе се постават девет бронзени скулптури на музи: Kалиопе, Талија, Терпсихоре, Kлио, Мелпомена, Ерато, Еуртепе, Уранија и Полихимнија, како и два лава.
Висината на музите е два и пол метри, а на лавовите 2,6 метри. По една скулптура ќе надвиснува над секој столб, а на крајните столбови на зданието има лавови .
Автори на скулптурите на деветте музи се Жарко Башески, Беди Ибрахим, Богоја Анѓелкоски, а автор на скулптурите на лавовите е Мирослав Славковиќ.