База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот на Ѓорче Петров се наоѓа на кружниот тек во истоимената скопска општина. Фигурата на македонскиот револуционер доминира со своите 6,5 метри височина поставена на постамент од 3,5 метри.
Споменикот е излеан во бронза, во српската леарница „Јеремиќ“. Изборот на леарницата е извршен со електронска аукција помеѓу четири понудувачи.
Електронска аукција е применета и при изборот на изведувачот на постаментот кој е декориран со релјеф на кој е прикажан животот на револуционерот. Клучниот критериум бил најниската цена.
Истиот критериум е наведен и во одлуката за идејното решение кое, меѓу 14 кандидати, му е доделено на авторот Дамјан Ѓуров.
Поставувањето на споменикот на 2 јуни, само три дена пред вториот круг на парламентарните избори во 2011 година, предизвика сомнеж дека се работи за дел од изборната кампања на владејачката партија, што беше негирано од општина Ѓорче Петров.
Локалната самоуправа заедно со Град Скопје ги покри трошоците за кои, првично, медиумите повикувајќи се на општината, најавија дека ќе бидат неколкукратно помали од реално потрошената сума, односно 60.000 до 90.000 евра.
Според одговорот од општината, споменикот на Ѓорче Петров чини 26,7 милиони денари или 434 илјади евра.