База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Групната скулптура „Гемиџиите“, дел од проектот „Скопје 2014“, е поставена на 27 јули 2010 година покрај Камениот мост во главниот град.
Станува збор за седум скулптури во бронза и релјефи со мотиви од животот на членовите на тајниот македонски анархистички кружок коjшто, во предвечерјето на Илинденското востание, ги изврши познатите Солунски атентати, во обид да се сврти вниманието на Европа кон македонското прашање.
Одлуката за поставување на овој споменик ја донел Советот на општина Центар во јуни 2008 година.
Автор на идејното решение е Ангел Коруновски. Постаментот го изградил хрватски „Конструктор“, а лиењето е доделено на леарницата „Маринели“ од Фиренца.
Според вториот извештај за фактичката состојба со реализацијата на проектот „Скопје 2014“ преку општина Центар што го спроведоа Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, станува збор за избор на убедливо поскапа понуда, бидејќи цената на италијанската леарница била за 165 отсто повисока од единствената друга понуда на „РЖ Институт“ Скопје, која е одбиена.
Според отчетот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ во 2013 година, за изработка на групната скулптура се потрошени над 1,4 милиони евра.