База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Споменикот на Димитар Поп-Георгиев Беровски е дел од спомен обележјата поставени по иницијатива на Министерството за култура.
Станува збор за иницијатива од 15 октомври 2010 година усвоена на седница на Советот на општина Центар 12 дена подоцна.
На истата седница е дадено зелено светло и за поставување на споменикот на Питу Гули, како и на иницијативата на ДУИ за подигање спомен обележја на тројца албански дејци: Пјетер Богдани,Јосиф Багери и Неџат Аголи.
Споменикот „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, излеан во бронза во хрватската леарница „Ујевиќ“, е висок пет метри. Како автор делото го потпишува вајарот Гоце Наневски.
Обележјето на македонскиот национален деец и револуционер од 19 век, се наоѓа на плоштадот „Македонија“ пред зградата на „Телеком". Локацијата беше проблематизирана поради големината на зградата која ја намалува „монументалноста“ на споменикот, како и поради сосема различните естетски концепти меѓу модерниот деловен објект и класичната скулптура.