Жарко Чаушевски и фирмата со која тој директорува, „Архитектоника“, која е во сопственост на неговиот брат Никола Чаушевски, пак, имаат оставено најголем белег врз фасадите кои го сменија ликот на главниот град. Идејното решение за Градскиот трговски центар во барок стил, фасадата на Владата, Управната зграда на Водовод и канализација, како и изгледот на административниот објект на улица „Бихаќка“ се дела на браќата Чаушевски, за што, според документацијата, на нивна сметка се исплатени повеќе од половина милион евра.
Документите за контроверзниот проект „Скопје 2014“ покажуваат дека со авторите не биле склучувани одделни договори за хонорар.
Колку за пример, во делот „авторски хонорар“ на Стевановска за „Воинот на коњ“, влегува и идејниот проект, материјалите, работниците, просторот, транспортот на гипс и глина и слично.
Поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, на прес-конференцијата на која го даваше отчетот за „Скопје 2014“ самиот рече дека не постои доказ дали авторите навистина ги потрошиле парите онака како што напишале во своите пресметки на хартија. Зборувајќи за спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев, ексградоначалникот рече:
„Авторот кога ги претставува трошоците и вкупната вредност од 300 илјади евра е обично образложена. Неговиот хонорар е 68 илјади евра за двете скулптури. Ова се трошоци што тој ни ги прикажува и ние не го проверуваме дали е така, но во преговорите комисијата секогаш се обидува да му ги намали и да не му ги признае“, изјави Тодоровиќ, додавајќи оти „се надева дека сите автори биле чесни“.
Топ авторите на идејните решенија за објектите од „Скопје 2014“, Стевановска, Чаушевски и фирмите „Архитектоника“ и „Неимар инженеринг“, заедно имаат добиено 4,7 милиони евра од буџетот. Сите автори заедно пак, имаат добиено повеќе од 15 милиони евра за нивните дела во луксузниот проект.
Проектот „Скопје 2014“ почнал да се подготвува уште во 2006 година
Проектот „Скопје 2014“ првично беше најавен на 4 февруари 2010 година кога Тодоровиќ, Канческа – Милевска и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, ја претставија визуелизацијата на Скопје во 2014 година. На таа прес конференција тие не кажаа колку ќе чини проектот. Единствено беше прецизирано дека ќе има десетина нови објекти, дваесетина споменици, сменети фасади, мостови.