База на податоци за згради, фасади, скулптури, споменици, фонтани и други видови објекти финансирани од јавни пари, кои го сочинуваат новиот лик на Скопје.
Државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ го гради својот нов административен објект на аголот меѓу улиците „Македонија“ и „Мито Хаџивасилев -Јасмин“.
Новиот објект висок 29 метри, завршува со мала Триумфална порта на покривот. Идејното решение за овој објект е на архитектите Лазар Димов, Жарко Чаушевски, Стефан Смилевски и на архитектонското студио „Неимар инженеринг“.
Согласно естетиката на целиот проект „Скопје 2014“, фасадата на новата административна зграда на АД ЕЛЕМ е во неокласицистички стил, што беше и услов на распишаниот конкурс за идејно решение.
АД ЕЛЕМ во јуни 2015 година распиша тедер за завршување на објектот на кој доби компанијата Страбаг која го имаше и основниот договор за градба кој изнесуваше над 11 милиони евра. Меѓутоа првиот тендер за доизградба е поништен, како и вториот на кој исто така победи Страбаг. На третиот тендер договорот од нешто повеќе од 2 и пол милиони евра е доделен на компанијата ОЗОН ДООЕЛ увоз – извоз Скопје.
За да се изгради оваа и уште две згради во просторот околу хотелот „Бристол“, мораше да се смени Деталниот урбанистички план со кој се овозможи сечење на дрвјата и уништување на целиот зелен појас во тој дел од градот, што предизвика револт кај жителите, но и кај јавноста воопшто.